Бизнис
29. July 2020 - 12:31

Над 10.000 граѓани добиле картица за купување домашни производи со сметка од 0 денари

Наместо пари, празни картички. Речиси 10 илјади граѓани кои добиле помош од државата за купување домашни производи, останаа со куси ракави. Картичките од банките им стигнале, но кога отишле да пазарат, им биле одбиени. На нив имало нула денари,  реагираат голем дел граѓани кои се јавија во редакцијата на Сител.  Од Mинистерството за финансии велат дека дури денеска им префрлиле пари. Ќе ги имаат на сметка најдоцна до утре.

-Станува збор за дел од корисници чии жалби/приговори се прифатени, а на кои деновиве им биле издадени домашните платежни картички. Денес беше инициран налог во Трезорот од страна на Генералниот секретаријат со кој се префрлени 32 милиони денари за прифатените приговори. Во текот на денешниот и утрешниот ден, банките ќе ги стават средствата на располагање на домашните платежни картички на граѓаните. Значи, не станува збор за превид, туку за нови корисници по усвоени жалби за кои дополнително се префрлаат средства, велат од финансии.

Околу 30 илјади граѓани пак, се уште не можат да ги користат,  затоа што картичките им се пратени во други градови, па чекаат да им се вратат. Има и такви кои не знаат како да го активираат пинот на банкомат.

Бараат продолжување на рокот – но од финансии велат – не се планира  пролонгирање. Имаат доволно време до 15ти август да ги потрошат парите. Целта на владината мерка било да се вбризгаат повеќе пари во покус рок, за да се придвижи економската активност. Инаку до сега се издадени 300 илјади картички со околу 26 милиони евра, од кои веќе се потрешени  20 милиони. Парите од картичките кои нема да се подигнат или потрошат, ќе се вратат во буџетот.