Македонија
3. September 2016 - 12:36

Над 100 деца Роми во градинка како дел од проект за инклузија

Вкупно 102 деца Роми на возраст до шест години во детските градинки во Делчево, село Црник и Виница се вклучени во проектот „Инклузија на децата Роми во јавните предучилишни установи“, проект на Министерството за труд и социјална политика и НВО КХАМ Делчево.
 
Сара Јашарова, координатор на проектот од НВО КХАМ за МИА истакна дека НВО КХАМ веќе осма година го реализира овој проект, а, како што рече, бројот на заинтересирани родители кои сакаат нивните деца да бидат опфатени во образовниот процес во детските градинки секоја година е се поголем.
 
- Само во Делчево во детската градинка „Весели Цветови“ се опфатени 30 дечиња Роми во детската градинка. Целта на проектот е социјализација на децата Роми во градинките и подигање на свеста кај родителите во однос на потребата од предшколско вклучување на нивните деца во образовниот процес, а воедно  се следи напредокот и редовноста на децата во детските градинки.  Многу од овие дечиња не го познаваат добро македонскиот јазик, а токму овде, преку игра и влијание на нивните врсници, на воспитачките и негователките ќе се срушат тие бариери и децата подготвени ќе влезат потоа во образовниот процес, рече Јашарова.
 
Таа додаде дека НВО КХАМ на полето на образованието работи уште две програми кои стартуваат со почетокот на школската година. Проектот Подобрување на вработувањето на Ромите преку образование и обука“ е финансиран од ЕУ и имплементиран од Ромски едукативен фонд (РЕФ) Будимпешта, а партнери е НВО „Амбрела“ Скопје .
 
За дооформување на основното образование се опфатени 29 лица на возраст од 21 до 46 години, а за докомплетирање на средното образование се запишани  23 лица од Делчево Виница и Црник. Инаку, овој проектот, освен во Делчево, Виница и Црник, се спроведува и во Шуто Оризари-Скопје. Целта на проектот е зголемување на бројот на вработување на маргинализираните ромските заедници преку образованието за возрасни и обука и програми за описменување, како и зголемен пристап до предучилишното образование на децата Роми, потенцираше Јашарова.
 
Инаку, втора година по ред се спроведува проектот за „Туторска поддршка на ученици Роми кои учат во основно образование во Република Македонија“, кој е финансиски и технички е поддржан од страна на Ромскиот едукативен фонд–Будимпешта. (РЕФ). Партнер организација на НВО КХАМ Делчево  во реализација на проектот   е Ромски ресурсен центар–Скопје (РРЦ).
 
- Целта на проектот е да се подобри образовното ниво на учениците од четврто до шесто одделение, како и редовноста на наставата во три општини, Делчево, село Црник и Виница, преку реализација на туторска настава по предметите македонски и математика,  за ромските ученици од овие општини, рече Јашарова.