Македонија
2. November 2018 - 16:44

Нацрт уставните амандмани влегоа во собраниска процедура - „Република Македонија“ останува во членот 36 од Уставот

Владата ги објави четирите нацрт амандмани за промена на Уставот.

Со првиот, се менува уставното име. Пред зборот Македонија на сите места во Уставот ќе се постави зборот Северна освен во членот 36  каде што се гарантираат правата на борците во сите ослободителни војни на Македонија.
Со вториот нацрт амандман владата предлага да се смени преамбулата на Уставот. Премиерот Заев објави дека на барање на ДУИ рамковниот договор влегува во Преамбулата а одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од заседанието, за да се избегне одлуката на президиумот која ги повикува на обединување сите Македонци и која била спорна во разговорите.

Со третиот амандман се интервенира во членот 3 од Уставот кој гарантира дека територијата на Македонија е неделива и неотуѓива и дека границата може да се менува само со закон. Во овој член, власта додава дополнителна сигурност за Грција вметнувајќи дека Републиката ќе го почитува територијалниот интегритет, суверенитетот и политичката независност на соседните држави.

Со последниот амандман се менува членот 49 од Уставот кој се однесува на заштитата на правата на македонската дијаспора. Според предложените измени, Републиката веќе нема да се грижи за правата на сите припадни на македонски народ во странство, туку само оние кои се нејзини државјани со цел да не се меша во внатрешните работи и суверенитетот на другите држави.

Премиерот Заев очекува уште поголема поддршка на уставните измени во Собранието.

Нацрт амандманите веќе се во Законодавниот дом, а Џафери седницата за нивното усвојување ја закажа за 1 декември. Во меѓувреме, од среда, ќе почне да работи и Комисијата за уставни прашања. За да ја поминат втората фаза, на нацрт амандманите ќе им биде потребно апсолутно мнозинство од 61 глас. По нивното усвојување, Џафери ќе определи рок за јавна дебата а седницата на која предлог амандманите би требало да станат дел од Уставот не може да се закаже пред крајот на оваа година. На неа, на власта ќе и треба поддршка на најмалку 80 пратеници.

Александар Спасовски – Сител Телевизија