Македонија
28. July 2016 - 14:50

Националниот театар од Букурешт со претставата „Арт оркестра“ вечерва на „Охридско лето“

Театарскиот дел од програмата на „Охридско лето“ продолжува со вечерашното гостување на Националниот театар од Букурешт, чија млада актерска екипа ќе ја изведе неповторливата музичко-сценска претстава „Арт оркестра“, концерт преобразен во театарска игра.

- Ова е прво гостување на Националниот театар од Букурешт на „Охридско лето“, со варијација на виртуозна актерска и музичка партитура на сцената во Предворјето на „Света Софија“. Се работи за урнебеска комедија, исклучително отворена, неверојатно позитивна соодветна на летен фестивал,  рече драмскиот селектор на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски најавувајќи го вечерашниот театарски настан.

Кога треба да се дефинира жанрот на вечерашната претстава, тоа не би можело да се нарече ниту концерт, ниту музичка драма или импровизација или актерска игра, туку своевидно шоу на тројца актери и 20 други партнери...музички инструменти. „Арт оркестра“ го преобразува концертот во целосна театарска претстава каде дејствата зад сцената се поспектакуларни отколку оние на неа.

Јону Скорпач, уметнички консултант во Националниот театар од Букурешт, рече дека оваа поставка е дел од заложбите на куќата преку соодветен проект да ја обнови својата театарска понуда.

- Станува збор за поставка на актери од новата генерација од 2014 година, поточно прва продукција избрана од уметничкиот совет на куќата поставена на редовниот репертоар на театарот, рече тој. Пилот–проектот на „Арт оркестра“ бил изведен пред домашната публика во Букурешт, а особено позитивните реакции на јавноста биле решавачки оваа млада театарска екипа да стане дел од продукцијата на Националниот театар.

Што се однесува до начинот на кој младите актери комуницираат со публиката, овојпат тоа го праваат со уметнички израз поинаков од рамките на класичната драмска игра, преку неконвенционална креација, изненадување за публиката.

- Доколку ја сакате музиката, го сакате театарот, комедијата, сигурно ќе ви се допадне оваа комбинација, порача актерот Петре Анкута, еден од протагонистите во вечерашната претстава.

Почетокот на претставата што е дело на Хориа Суру, еден од најплодните млади ромаски режисери, е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.