Бизнис
12. September 2019 - 16:38

Национална конвенција за влијанието на климатските промени во земјоделството

Ефектите од борбата со климатските промени во земјава се мали и незначителни, сметаат експертите. Најзначајно е, велат, да се подигне свеста кај земјоделците за адаптација кон промените, што е особено тешко ако се знае дека за секоја штета од временските непогоди некој им ги плаќа загубите. Политиката не е погрешна, но порачуваат да се обрне поголемо внимание на едукација и обука на земјоделците. Се жалат и дека научната фела не располага ниту со доволно пари, ниту пак, со податоци од институциите за да креираат соодветна стратегија за заштита од климатските промени.

“Адаптативните капацитети на Република Македонија за справување со климатските промени се многу ниски бидејќи имаме меѓу најниските приноси во Европа. Автоматски немаме ни сега капацитет да се носиме со сегашните проблеми. Како ќе се носиме со идните проблеми?”, вели Ордан Чукалиев, професор од Факултетот за земјоделски науки и храна.

И европските експерти советуваат покрај државните превентивни мерки и земјоделците да се активираат во заштитата на своите посеви.

 “Слична е ситуацијата и во Словачка, од каде што јас доаѓам. Кај нас постојано се случуваат пролетни мразеви, имаме град, суши итн., така да страдаат фармерите. И од тој аспект ние се трудиме да им помогнеме како систем, како држава да ги заштитиме од таквите појави. На две нивоа тоа се работи: самите фармери треба во суштина да си помогнат себе си и да ги подобрат состојбите, но и државата преку исплата на компензација на нивните штети”, вели Јан Баршвари, директор на Секторот за земјоделство при Словачката комора за земјоделство и храна.

Од Министерството за земјоделство велат дека во последните 4 години исплатени се над 15 милиони евра оштета од временските непогоди.

“Времето е доста сурово, што од една страна имаме град, мраз, од друга страна сушни периоди. Така да, ние сме изложени, а и знаеме дека Северна Македонија е на една таква локација каде што имаме и многу микроклими. Сето тоа влијае, да кажеме, негативно на земјоделските посеви, но тука сме ние да преземеме превентивни мерки и да делуваме таму каде што треба”, вели Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Земјоделците, пак, со свои препораки за надоградба и модернизација на системите за наводнување, но и со барање за поголема државна помош за поставување заштитни мрежи на посевите.

 “Наместо сега овие заштитни мрежи, антифрост системите и сите други работи, кои се ставени во ИПАРД Програмата, ние бараме бидејќи е поедноставно за самите земјоделци да се префрлат во Програмата за рурален развој и да биде поддршката што повисока”, вели Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

Најголеми загуби од климатските промени трпат културите на отворено, особено грозјето, пченицата, јаболката, пиперките и доматите.