Македонија
21. January 2021 - 8:23

Набавка на вакцини, најави и подготовки, ЕК ќе предложи механизми за споделување

 Бројот на заразените од Ковид-19 во земјава се намалува. Државава ги очекува најавените вакцини од Србија, а за овој процес се очекува солидарност и од земјите членки на Европската унија.

Од ЕК вчера најавија дека ќе предложат механизми за споделување на вакцините со земјите надвор од ЕУ.

– Треба да ги поддржиме нашите соседи да ги вакцинираат работниците во првите редови, на Западен Балкан, Источното Партнерство, Африка, и за тоа Европската комисија предлага механизам за споделување на вакцините или директно или преку Ковакс, изјави вчера претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа ги прекори и земјите членки на ЕУ затоа што не покажуваат солидарност за вакцините.

– Некои ќе прашаат како да споделиме кога и самите не сме сите вакцинирани, ним им одговарам дека не е само солидарност во прашање, туку и личниот интерес, порача Фон дер Лајен, истакнувајќи дека во прашање е и кредибилитетот на ЕУ на геополитички план.

Амбасадорот на Чешката Република Мирослав Томан вчера изјави дека ќе треба да се причекаат насоките од Европската Комисија за тоа како и колку вакцини ќе бидат испорачани во нашата држава.

Тој појасни дека Чешката Република е целосно вклучена во поддршката и го поддржува обезбедувањето вакцини за Северна Македониаји и западноевропските држави. Како што посочи, 17 милиони евра се на располагање кои треба да се искористат за набавка на вакцините.

-Нашата позиција во моментот е да ја изведеме вакцинацијата во Македонија преку ковакс системот, што значи дека ќе треба да чекаме Европската комисија да ја даде насоката како и колку ваквицни ќе бидат испорачани во вашата држава. Ве уверувам дека ние сме секогаш подготвени да дадеме дополнителни средства за дополнителни вакцини за вас, заинтересирани сме и со нетрпение очекуваме кога ќе почне процесот на вакцинација, но и во Чешка не добиваме толкав број вакцини колку што ни беше ветен, рече Томан.

Премиерот Зоран Заев, пак, вчера изјави дека од политичарите министерот за здравство Венко Филипче е прв кој ќе се вакцинира. Сепак, повтори дека и тој ќе ја прими вакцината, но пред него, предност ќе имаат хронично болните, возрасните и луѓето кои досега од КОВИД загубиле член од семејството.

-Потврдувам дека ќе бидам меѓу првите што ќе ја примат вакцината, но не сакам да му го земам правото на никој, и јас сум граѓанин како и секој друг. Сепак, сакам да дадам личен пример дека вакцината треба да се прими за да се заштитиме од корона вирусот и да го вратиме животот во нормала. И јас и моето семејство и моите роднини ќе ја примиме вакцината,  рече Заев.

Тој на почетокот на неделава најави дека државава треба да добие 8 000 вакцини против Ковид-19 како помош од Србија. Во тек се активности на надлежните институции за техничките детали и точното време на испорака на вакцините.

Според најавите од министерот Филипче набрзо ќе биде склучен договорот со Фајзер од каде се очекуваат 5.850 дози во февруари, а по 17.500 во март и во април. За вакцините преку КОВАКС механизмот е направена уплата и ќе се обезбеди соодветна гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.

Први кои ќе се вакцинираат се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите кадешто се прави дијагностика, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години коишто имаат коморбидитети. Во втората група се останатите здравствени работници, вработени во критична инфраструктура – наставниците, вработените во градинките, новинарите и секако пациентите од другите возрасни групи коишто имаат хронични болести.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје од 11 до 17 јануари регистрирани сe 2.397 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со намалување од три отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје.

Процентот на позитивни од тестирани во периодот на известување се движи од 11 до 19 отсто, просечно 16 отсто, што претставува намалување од три отсто споредено со минатата недела.

Во текот на вчершаниот ден беа регистрирани нови 72 случаи на Ковид-19. Починати се 13, а оздравени 1023 пациенти. Во ковид-центрите во Скопје вчера беа хоспитализрани 19 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 284 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 89 463. Бројката на оздравени пациенти е 74 800, а на починати е 2 739. Има вкупно 11 924 активни случаи.