Македонија
21. May 2017 - 9:05

На Водно по петти пат трка „Прв до врв“

Со старт од пред Музејот на град Скопје за велосипедистите и кај основното училиште „Кочо Рацин“ за натпреварувачите во трчање и планинарење денеска ќе се одржи петтото издание на најголемиот планински спортски настан во регионот, „Прв до врв“ на скопско Водно.

И оваа година во програмата ги има трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, како и традиционалниот пикник на целта кај врвот. По завршувањето на трките, предвидена е музичка програма и церемонија на прогласување на победниците.

Регистрираните учесници, вчера и завчера имаа можност да ги подигнат своите стартни пакети на плоштадот Македонија, а оние кои доаѓаат од другите градови и држави истото ќе можат тоа да го сторат денеска од 8 до 9 часот кај ОУ Кочо Рацин.

Настанот го организира здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ во соработка со градот Скопје и со поддршка на деловната и општествената заедница.