Македонија
7. October 2016 - 15:51

На Урологија до декември ќе бидат направени уште четири трансплантации

На Клиниката за урологија во јуни годинава се направени четири успешни трансплантации. Договорени се уште четири трансплантации до декември. Ова денеска го истакна Сашо Дохчев, раководител на тимот за транплантации при Клиниката за урологија.

- Во 2014 година направивме 41 трансплантација од кои 15 се од кадавер. За жал се направи пауза од една година, рече Дохчев на прес-конференција на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ по повод Европскиот ден на органодарителството.

Изрази надеж дека ќе се зголемува бројот на трансплантации. - Колку пациенти ќе подготват колегите од Нефрологија, ние сме спремни да ги прифатиме и во секое време да направиме и кадаверична транплантација, додаде Дохчев.

Директорот на Клиниката за урологија, Михаил Пенев истакна дека стручниот тим во таа јавна здравствена установа е подготвен да изврши трансплантација од жив донор и од кадавер во секое време и ги имаат сите лекови.

- Фондот за здравствено осигурување ја плаќа некомплицираната трансплантација 600.000 денари, а комплицираната 900.000 до милион денари, а Министерството ги исплатува сите учесници на трансплантацијата и експлантацијата на органи, додаде Пенев.

Од Здружението „Нефрон“ повикаа на подигнување на свеста за потребата од органи за трансплантација и спасување човечки животи

- Да ги натераме блиските и роднините на болните доколку можат да дадат орган за својот најблизок или доколку близок во семејството почине да не се противат и да дадат согласност да се земат органи, рече претседателот на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Љубинко Трпеновски.

Истакна дека „Нефрон“ по петти пат учествува во одбележувањето на Европскиот ден на органодарителството.

Душко Ѓорѓиев од „Нефрон“ рече дека во услови кога има донесен закон, подзаконски акти, национален координатор...нема кадаверична трансплантација.

- Бараме да се воспостави солиден систем за трансплантација кој ќе функционира константно, воведување државна кампања која ќе го промовира чинот на дарување органи и тоа ќе го прави континуирано, поголеми бенефиции на луѓето кои донирале и примиле орган, подобри услови за трансплантираните пациенти, како и зголемување на бројот на потенцијалните извори на органи, посочи Ѓорѓиев.

Според него, тоа треба да бидат центрите за интензивна нега, а таков има само на Клиниката. Додаде дека центрите за интензивна нега треба да прераснат во центри за регрутирање органи.

На прес-конференцијата беше промовиран и првиот спот во врска со органодарителство и трансплантација.