Македонија
1. March 2016 - 17:08

На Табановце 973 мигранти, капацитетот скоро исполнет

Речиси целосно е исполнет капацитетот на Транзитниот центар Табановце. Во моментов, според координаторот на Транзитниот центар Горан Стојановски, престојуваат 973 мигранти од Авганистан, Сирија и Ирак од кои 597 од Авганистан веќе 12 дена се сместени во центарот, а останатите изминативе денови се вратени од Србија.

Од вчера во центарот престојуваат и 180 мигранти од Сирија и Ирак кои извесен период во неколку наврати во текот на вчерашниот ден и ноќта се наоѓаале во меѓуграничниот простор на Македонија и Србија. Денеска не пристигнал ниту еден воз со мигранти.

- Наше е да ги прифатиме и да ги сместиме и да одговориме на она што се вели максимален хуман третман, изјави Стојановски.

Тој нагласи дека Транзитниот центар не е прифатен центар и дека имаат капацитет за прием на 1.000 мигранти.

- Овој центар воопшто не е конципиран за да биде прифатен или повеќедневен прифатен центар така што е тешко да се справите со капацитетите кои што ги имате за да ги удомите сите луѓе, буквално да им овозможите пристоен престој, рече Стојановски.

Во Табановце, иако речиси целосно е исполнет капациетот за престој, состојбата е стабилна. Мигрантите времето го поминуваат играјќи спортски игри, а ја добиваат потребната грижа од надлежните институции и од бројните хуманитарни и невладини организации.