Македонија
18. July 2018 - 16:43

На Старата железничка вратени буквите од натписот на Јосип Броз Тито

Музејот на Град Скопје почна со поставувањето на новите букви од познатата изјава на претседателот на СФРЈ Јосип Броз Тито, дадена по катастрофалниот земјотрес што 1963 година го погоди Скопје. Пораката беше испишана на источната фасада од оваа институција во 1974 година.

Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност, гласеше пораката на Тито, која 27 години ја красеше старата железничка станица.

Од Музејот на Град Скопје велат дека буквите ќе ја имаат автентичната жолто-златеста боја, но ќе бидат во помал формат.

Свеченото откривање на натписот ќе се одржи на 23 јули, во рамки на одбележувањето 55 години од скопскиот земјотрес.