Македонија
27. јуни 2019 - 13:44

На собраниската седница за новите министри се дебатира и за Груевски и Курто Дудуш

Собраниската расправа за изборот на нови министри тече во тензична атмосфера со обвинувања меѓу власта и опозицијата. Дел од расправата се и поранешниот премиер Никола Груевски и случајот со градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ со фотографија од Груевски од судот во Будимпшта им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да дојдат на власт се додека не се оградат од Груевски.

– Се дури не се оградите од овој човек со лисици, капче и наочари во суд во Будимпешта, се дури не се оградите од овој човек кој уште ви ги дава насоките како да постапувате преку неговата уста и очи кој се вика Христијан Мицкоски, нема да дојдете на власт. Граѓаните не сакаат да гледаат пак такво ВМРО-ДПМНЕ кое ќе биде главен уредник на вести и полицаец во МВР, кое ќе биде и прв судија, ќе монтира судски процеси. Граѓаните нема да го дозволат тоа, рече Костадинов.

На ова реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој рече дека СДСМ изгубиле многу гласови на последните претседателски избори.

Атмосферата стана тензична и кога пратеникот Влатко Ѓорчев се осврна на случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш по што реагираше претседателот на Собранието со укажување дека Дудуш не е тема на денешната собраниска седница.