Македонија
1. April 2020 - 12:26

На скопска Гинекологија почина родилка од Охрид

На Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје доцна синоќа, во 22 часот, почина пациентка на возраст од 37 години од Охрид, родилка која вчера попладне е донесена во Скопје со возило на брза помош во високо фебрилна состојба (телесна температура над 39 степени) и со мртов плод.

На жената уште веднаш и е направена целосна лабораторија и земен брис за Ковид-19. Лекарите оперативно го извадија плодот, а од стомакот на мајката е евакуиран гној. Можна причина за фебрилноста е септичната состојба на пациентката, но тестот треба да утврди или отфли присуство на коронавирус.

За време на интервенцијата состојбата кај пациентката се влоши при што истата беше интубирана, се пристапи кон целосна реанимација, но за жал во 22.00 е констатирана смрт. Причина за смртта најверојатно е сепса со масивна тромбоемболија, а пациентката ќе биде пратена на обдукција по што ќе има егзактна дијагноза.

Се работи за екстремно обезна пациентка, со телесна тежина од околу 150 кг, со висок крвен притисок и тахикардија, која во последните 5 месеци воопшто не се движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли.

Се работи за екстремно обезитна пациентка која  во последните 5 месеци воопшто не се ни движела, а согласно податоците од докторите во Охрид, пациентката не ги извршувала ни потребните гинеколошки контроли.

Сега починатата родилка е донесена без претходна најава од матичен лекар и оставена пред влезот на Клиниката. По измерената телесна температура, таа е веднаш спроведена на посебен влез до одделението за изолација.

За потсетување, еден дел од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје функционира за родилки супсектни и позитивни на Ковид-19. За таа намена е воспоставен целосен протокол на изолација од влез, патека на движење, посебна родилна сала, бокс и тим. 

Од Клиниката за гинекологија и акушерство апелираат уште еднаш сите пациентки кои доѓаат на клиниката да се придржуваат кон сите насоки дадени од Министерството за здравство во однос на заштитата на сопственото здравје и здравјето на околината, но исто така се упатува и апел за целосно и вистинито давање на информации при прием со цел соодветно и навремено преземање на мерките кои се однесуваат на заштитата на вашето здравје, здравјето на вашето бебе и безбедноста на здравстевниот персонал.

Исто така, родилка од Куманово која вчера се породила на Клиниката за гинекологија е заразена со коронавирус. Кога била примена на ГАК немала температура но кажала дека пред 3 дена имала сува кашлица и треса а и дека нејзиниот свекор е позитивен на корона. Вчера е пренесена на Инфективна.

Нејзиното бебе се наоѓа на интензивна нега  во добра општа состојба и денеска ќе му биде земен брис за да се види дали е позитивно на корона вирусот.