На сцената на велешкиот театар вечерва претставата „Класен непријател“ | Сител Телевизија
Македонија
24. January 2016 - 14:38

На сцената на велешкиот театар вечерва претставата „Класен непријател“

На малата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ вечерва ќе биде одиграна претставата „Класен непријател“ според текст на Најџел Вилијамс, а во режија на Теа Беговска. Во неа настапува целокупнот ансамбл на велешкиот театар.
 
Според оценката на Јордан Витанов  директорот на велешкиот театар, сезоната на театарот, годинава  започнала успешно, со голем интерес и посетеност..
 
- Претставата која премиерно беше изведена во декември 2012 на сцената на стариот театар, во декември минатата година на барање на велешката публика беше обновена мошне успешно и прилагодена на модерната техника  на сцената на новиот театар во Велес, посочува Витанов.
 
Синоќа на малата сцена на велешкиот театар  гостуваше ансамблот  на Интимен театар од Битола  со претставата  „Будење на пролетта“. Претставата е инспирирана од текстовите на Франк Ведекинд, а во режија на Софија Ристевска која во овој проект настапува и како актер. Во претставата заедно со неа  настапија и актерите  Здравко Стојмиров и Стефанија Милевска.
 
Ристевска истакна дека по реакциите од публиката таа е задоволна и како актер и како режисер на претставата.
 
-Во Велес сум гостувала како режисер, а ова е мој прв настап на малата камерна сцена во новиот театар и моше сум задоволна од реакциите на велешката публика. Ми се допаѓа малата сцена бидејќи е мала и акустична и има непосреден допир со публиката, рече Ристевска.
 
Посочи дека оваа престава има силна порака дека сите сме такви какви што сме и дека никој не треба да го суди другиот, а најмалку според надворешиот изглед и според начинот на живот, зошто, според неа, секој има право на избор на својот живот. 
 
Ристевска информира дека претставата по Битола и Велес годинава ќе биде изведена и на други театарски сцени во земјава.