Македонија
26. November 2019 - 15:57

На рочиштето за „Титаник“ сведочеше командирот на ПС Ресен во 2012 година

На денешното рочиште за случајот за изборни нерегуларности „Титаник“ беше сослушан командирот на Полициската станица Ресен во 2012 година, кој сведочеше како полицијата ги вршела проверките на адресите за живеење наведени во барањата за издавање лични карти.

Сведокот Милорад Ѓорѓиевски посочи дека од средината на октомври 2012 година до средината на март 2013 користел еден месец одмор и три месеци неплатено отсуство.

– Ингеренциите на Полициската станица се да се извршат оперативни или лични проверки на терен во врска со утврдување дали лицата пријавиле точна адреса на живеење согласно барањата за лична карта. Таа постапка е точно регулирана и се први по образец, рече сведокот.

Проверката ја правеа двајца полициски службеници, појасни сведокот, при што тие и пополнуваа образец каде назначуваа како ја извршиле проверката.

– Во средината на октомври имаше полициско јавување од началникот на централни полициски служби за тоа дали како Полициска станица имаме проблем со зголемениот број барања за лични карти во периодот, на што реагирав дека често знаат да направат гужви. Кога кажав дека сме прилично спори со проверката на адресата на живеење и дека повеќето се негативни, ми беше речено „видете, надминетете ја таа ситуација”.

Откако побарав писмено образложение за тоа, ми беше речено да побарам информации од координаторот на ВМРО-ДПМНЕ за Ресен, изјави сведокот Ѓорѓиевски.

На прашање од обвинетиот Илија Димовски, дали имал притисок од некого за одговорите по предметите за проверка на живеалиште, сведокот рече дека немал никаков притисок ниту за позитивни, ниту за негативните извештаи.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова. Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.