Свет
22. April 2021 - 8:23

На протестите за Навални уапсени околу 1.500 луѓе

Руската полиција во 82 града вчера уапси 1.496 приврзаници на осудениот опозициски лидер Алексеј Навални, кои протестираа за негово ослободување низ целата земја.

Илјадници демонстранти вчера се собраа во центарот на Москва, на покана од соработниците на Навални, чија здравствена состојба е многу лоша, бидејќи тој штрајкува со глад повеќе од три недели.

Дел од демонстрантите се приведувани уште пред почетокот на протестите. Најголем број се уапсени во Санкт Петербург, околу 600 лица.

Според полицијата во Москва протестирале околу 6.000 луѓе, додека според организаторот имало 60.000 луѓе.

Протестите се одржаа на денот на годишното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин до нацијата.

Тој во своето обраќање ги обвини странските влади дека се обидуваат да и ја наметнат својата волја на Русија. Путин никогаш не го споменува јавно името на Навални.
Навални (44) штрајкува со глад овеќе од три недели во знак на протест поради тоа што затворските власти не му дозволуваат да биде прегледан од приватен лекар, поради силна болка во грбот и нозете.

Тој беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето во Русија од Германија, каде пет месеци се лекуваше од наводно труење со нервниот гас Новичок, за што го обвинува Кремљ. Руските власти ги отфрлаат таквите наводи и го обвинуваат Навални за соработка со западните разузнавачки.

Во февруари, судот во Москва го осуди Навални на 2,5 затвор, менувајќи ја условната казна од 2014 година во затвор, затоа што не се пријавил навреме до надлежниот орган, додека се лекуваше во Германија. Навални ја оценува пресудата за измама од 2014 година како политички мотивирана.

Апсењето на Навални доведе до бран протести на десетици илјади луѓе во јануари низ Русија, во повеќе од 100 градови. На тие протести беа уапсени повеќе од 10.000 луѓе.