Македонија
27. July 2017 - 9:33

На „Охридско лето“ Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија

Музичката програма на Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на уметниците од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, под диригиентство на маестро Џанлука Матиненги од Италија.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 30 години. Тој е основан како прв сегмент од Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа. Во досегашното егзистирање во неговите рамки учествувале повеќе од 300 млади музичари - претежно студенти од ФМУ-Скопје, но и гости, млади музичари од други земји. Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високопрофесионални квалитети. Оркестарот има реализирано преку 90 концерти, добивајќи позитивни критики, но и национални награди и признанија. Покрај класичниот репертоар, оркестарот изведува дела од современи, како и од македонски автори. Има остварено повеќе телевизиски и радио-снимки, како и сопствена ЦД продукција. Повеќе од 30 години завршниот концерт од Летната сесија е постојан дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните десет години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија му го посветува овој концерт на долгогодишниот уметнички раководител и диригент на оркестарот, прерано починатиот Саша Николовски – Ѓумар.  

Маестро Џанлука Мартиненги диригентската кариера ја започнува во театарот во Торино, а неколку години работи и во театарот „Масимо“ во Палермо каде од 1997 година е носител на повеќе раководни функции меѓу кои и уметнички директор и дел од генералниот менаџмент. Со оркестарот на овој театар диригира бројни симфониски концерти и поставува повеќе продукции на опери од 20-тиот век. Покрај работата во неговата матична куќа, Мартиненги настапува во театрите во Болоња, Рим, Верона, Катанија, Каљари, Модена, Ливорно, Пиза, а надвор од родната Италија настапува во Германската опера во Берлин, во Ирската национална опера, оперските куќи во Тирана, Марибор и Лубек, како и во „Палм бич опера“ во САД. 

Комбинирајќи ја неговата оперска работа со симфониската музика, Мартиненги е чест гостин на италијанските симфониски оркестри, но и на оркестрите на Балеарските острови, Малага, Швајцарија, Словенија, Хонг Конг, Тенерифе, како и високопрофилните оркестри меѓу кои Минхенскиот Рундфунк оркестар и симфонискиот оркестар на Монтреал. По настапите со оперите „Фалстаф“ од Верди и „Тоска“ од Пучини во Тенерифе, Мартиненги е поставен за гостин шеф-диригент на Фестивалот во Тенерифе. Во 2012 година е поканет да ја диригира продукцијата на ретко изведуваната опера „Ирис“ од Пјетро Маскањи во Арената во Верона, а потоа следи и снимањето на ЦД посветено на Енрико Карузо со оркестарот на Арена ди Верона за дискографската куќа „ЕМИ“. Мартиненги е гостин на фестивалите во Дубровник, Таормина,  Пекинг, а настапува и во спектакуларната опера во Сиднеј и во театарот во Буенос Аирес. Во 2015 година ја добива наградата на стручната критика за неговото водство на операта „Дијалози на кармелиќанките“ во Словенечката опера, а неодамна дебитира во Унгарската филхармонија на гала-концерт со Дијана Дамрау. Од 2016 година е назначен за шеф-диригент на Македонската опера и балет.

На програмата на вечеранипт концерт што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ се избрани дела на Бритен, Шедрин, Хендл, Моцарт, Шнитке. Почетокот на концертот е предвиден за од 20:30 часот.