Македонија
20. јуни 2016 - 11:05

На охридскиот аеродром пристигна првиот чартер со 120 туристи од Брисел

На охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ денеска пристигна првата група туристи од Белгија со чартер летот Брисел – Охрид на туроператорот „Томас Кук“.

Сто и дваесетте гости беа пречекани традиционално со погача и сол, торта и воден мост, а добредојде им посакаа генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски, маркетинг-координаторот во ТАВ аеродроми во Истанбул Серкан Карахатај и градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески.

Соработката со Томас Кук, за Карахатај била еден од најубавите примери од досегашното искуство. Првиот разговор со Стефан Жоли од Томас Кук, истакна дека го имал пред три години на конференција во Лас Вегас.

- По тековните разговори имавме можност да го презнетираме Охрид и неговата понуда. Оттогаш имавме голем број средби и по долгите разговори кончно успеавме да ги убедиме да го посетат Охрид и да ги разгледаат можностите во текот на минатото лето. Откако стапија во контакт со владините претставници и туриситчките работници во Република Македонија конечно одлучија да го воспостават овој лет, истакна Карахатај на прес-конференцијата по пристигнувањето на првата група белгијски туристи.

Изрази уверување дека наскоро услугите на Охридскиот аеродром ќе бидат збогатени со нови линии од земји каде што оперира „Томас Кук“ како Холандија, Германија, Обединетото Кралство...

„Томас Кук“ е компанија која годинава го слави 175-от роденден и, според портпаролот Коен Ван Ден Бош, секогаш тежнее да биде поблиску до клиентите и да бидат креативни и исполнителни за нивните летувања и да им обезбедат безгрижен одмор.

- Денес во „Томас Кук“ ја негуваме оваа традиција и се придржуваме кон неа. Ние сме лидери на туристичкиот пазар и затоа треба да останеме креативни и иновативни за да можеме понатаму да се развиваме. Со првиот лет во Охрид повторно сме иновативни со воведувањето нова дестинација во нашата понуда. Богатата историја заедно со езерото и културното наследство се непосредни причини за изборот на оваа дестинација и за нејзината вклопеност во нашето портфолио, рече Бош.

Охридскиот градоначалник Бакрачески изрази задовоство за овој, како што го нарече, историски момент за воспоставување нова соработка со Томас Кук и воведување линија од Брисел до Охрид и обратно.

- Ова претставува еден навистина синирхантен импулс за развој на туризмот во Охрид и во целиот регион. Со ова дефинитивно Охрид се поврзува со Европската и белгијската престолнина. На листата ставивме уште една европска дестинација со која Охрид, но и целиот регион ќе може да комуницираат и да привлекува гости, истакна Бакрачески.

Авио линијата Охрид – Брисел и обратно од денеска до средината на септември ќе оперира секој понеделник.