Македонија
8. November 2018 - 15:12

На крводарителска акција во Делчево собрани 64 крвни единици

По пауза од еден месец, крводарителите од Делчево денес повторно имаа можност да ја покажат хуманоста на дело и да подарат од капката која спасува човечки животи. Како што информираше Невенка Христова од Општинската организација на Црвен крст, денес хуманите граѓани ја остварија предвидената крводарителска норма.
 
– Денеска во Делчево се одржа редовната крводарителска акција која ја организиравме со поддршка на Регионалниот центар за трансфузиологија од Скопје и службата за трансфузиологија при делчевскиот здравствен дом. Во рамки на акцијата денес имавме солиден одзив од страна на крводарителите кои подарија вкупно 64 крвни единици. Благодарност до сите кои беа дел од акцијата и придонесоа денеска да имаме успешна крводарителска акција, рече Христова.
 
Додаде дека во рамки на акцијата заинтересираноста за дарување крв била подеднаква и кај припадничките на понежниот пол, но и кај редовните крводарители кои на секои три месеци ја користат можноста да ја покажат хуманоста на дело.
 
Ова е претпоследна крводарителска акција за оваа година. Последната која ќе се одржи со крводарителите од Делчево и Македонска Каменица е најавена за почетокот на месец декември.