Македонија
15. January 2020 - 15:19

На крајот на месецот трета средба во рамки на процесот Жан Моне

Деловникот за работа на Собранието ќе биде во фокусот на парламентарните политички партии на новата средба на процесот Жан Моне, која, како што потврдуваат за МИА од Собранието, е извесно дека ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Скопје.

Во Скопје се очекува да допатува новиот известувач на Европскиот парламент за земјава, Илхан Ќучук, како и двајца други европратеници за кои се уште се чека официјална потврда.

Официјалните информации се дека форматот на средби останува ист, односно дека европратениците би требало да имаат средба со лидерите на партиите, а потоа и заеднички разговори со координаторите на пратеничките групи.

Од пратеничките групи за МИА брифираат дека најголем дел од спорните точки во Деловникот се усогласени, освен што за опозоцијата е спорен начинот на избор на генералниот секретар на Собранието, како и усогласувањето со амандманите на Уставот односно со новото име на државата – Деловник на Собранието на Република Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има и други прашања за кои тие сметаат дека се уште треба да се разговара и предупредуваат дека треба да се има предвид и фактот што Парламентот е пред распуштање, како и дека одржувањето на средбата не значи дека ќе дојде до надминување на сите спорни точки.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера од собраниска говорница им најави на пратениците дека на 31 јануари и 1 февруари ќе имаат можност да се изјаснат за Деловникот за работа на Собранието. Од неговиот Кабинет ја потврдуваат третата средба во рамки на Жан Моне процесот, најавувајќи повеќе детали за следната недела.