Loading Video...
Македонија
4. May 2021 - 21:15

На кој начин и со која вакцина ќе можат Македонците слободно да патуваат во регионот?

Рестрикциите во регионот попуштаат паралелно со вакцинирањето на населението. Грција веќе се подготвува за летната сезона. Генерална проба беше отворањето на баровите и таверните кои веднаш се наполнија со гости. Грчкиот министер за туризам планира вака да биде и по 15 мај кога ќе се отворат границите за туристите. Тие на влезот ќе треба да покажат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или потврда дека се вакцинирани. Во исто време ќе се укинат и СМС пораките со кои граѓаните можеа слободно да се движат. На препораките на ЕРУ, не чека ни Словенија. Денеска словенечките власти дозволија влез во земјата за оние кои се вакцинирани и со вакцините кои не се одборени од ЕМА, како што се Спутник, Синофарм и Синовак.

Вакцинираните ќе можат да влезат во Словенија седум дена по втората доза на Фајзер, 14 дена по втората доза на Модерна или 14 дена по втората вакцина на Спутник, Синовак и Синофарм. За АстраЗенека ќе биде доволно само една доза, примена 21 дена пред влезот во земјата и една доза на Џонсон и Џонсон 14 дена пред влезот.

Оние кои не се вакцинирани ќе треба да покажат негативен ПЦР тест не постар од 48 часа или позитивен ПЦР тест кој не смее да биде постар од шест месеци, со што ќе се докаже дека лицето ја прележало болеста и се стекнало со имунитет.

Во Хрватска граѓаните на трети земји ќе можат да влезат со негативен ПЦР тест или брз антиген тест, потврда за целосна вакцинација направена најмалку 14 дена пред пристигнувањето на границата или потврда не постара од 6 месеци со која се докажува дека лицето било болно од Ковид.

Слободно и без никакви услови може да се патува во Албанија, БиХ и Црна Гора каде за велигденските празници веќе пристигнаа туристи од Србија.

За Турција во моментов се бара негативен тест, но очекувањата се дека за летната сезона и тоа ќе биде укинато.

Негативен ПЦР или потврда за ревакцинација е потребна и за влез во Бугарија.