Македонија
17. May 2018 - 16:40

На Клиниката за хематологијата ќе почнат и трансплатација на коскената срцевина

На Клиниката за хематологија ќе почнат да прават и трансплантација на коскена срцевина кај пациенти со малигни заболувања од несроден дарител. Комплетно го реновирале одделот и очекуваат големи заштеди бидејќи досега во странство за еден пациент Фондот издвојувал од 150 000 до 200 000 евра. 

Пациенти со малигни заболувања на крвта на кои им е потребна трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител, повеќе нема да одат на операции во странски болници. Овие интервенции ќе ги прават и на Клиниката за Хематологија, каде годишно имаат околу 20 вакви случаи. Целосно го реновирале одделот за оваа патологија а лекарите биле на едукација во Германија и САД.

- Се надеваме дека ќе воспоставиме соработка и со болниците од Хрватска кои доколку има потреба ќе учествуваат во овие процедури. Од 10 до 20 пациенти годишно имаат потреба од несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Досега не се правеше бидејќи имаше повеќе пречки, од реновирање на одделот, до опрема и други неопходни процедури, изјави др. Ирина Пановска-Ставридис, директор на Клиника за Хематологија

Министерот за здравство, кој присуствуваше на отворањето на одделот, очекува сериозна заштеда во буџетот со правењето на овој вид на трансплантација и во Македонија.

- Трошокот во текот на 2017 година за околу 25 пациенти кои беа испратени во странство за оваа метода изнесуваше меѓу 150.000 и 200.000 евра по пациент. Планираме сериозни заштеди на буџетот, околу 75 отсто од парите кои сега ги плаќаме за лекување во странство, ќе ги вложиме во нашиот здравствен систем, во имплементирање нови лекови на позитивната листа и во зголемување на платите и сумите на дежурства за лекарите и медицинските сестри, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Според Ставридис, покрај реновираниот оддел за трансплантација, имаат и кадровско зајакнување со вработување на четворица доктори кои биле првенци на генерација.