Македонија
15. јуни 2021 - 10:43

На инфективните оддели се лекуваат 96 пациенти со Ковид-19

Вкупно 96 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови. Има околу
460 празни болнички кревети во ковид – центрите, соопшти Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа во ковид – центар во Скопје е хоспитализиран еден нов пациент поради компликации од коронавирусот. Вкупно 30 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка.

Во ковид – центрите во болниците во другите градови во изминатите 24 часа е пријавено дека се лекуваат вкупно 66 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.

Во последното деноноќие, во Скопје на Институтот за ТБЦ немало приеми.
Еден пациент е примен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Во ковид –  центарот во ГОБ „8 Септември“ во текот на вчерашниот ден немало приеми.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени двајца оздравени пациенти.

Во ковид – центарот на Институтот за ТБЦ се лекува еден пациент. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 12 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 18 пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 35 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна поддршка.

Во болницата во Битола се хоспитализирани тројца пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани шест пациенти. На инфективното одделение во Тетово има двајца пациенти, во Велес се лекуваат двајца болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид – центарот во Охрид се хоспитализирани осум пациенти, во Прилеп пет, во ковид – центарот во Гостивар осум, а во Струга тројца болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 13 пациенти, во Кичево еден, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани лица позитивни и суспектни на коронавирусот.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, стои во соопштението.