Балкан
4. April 2016 - 21:03

На инаугурацијата на Хашим Тачи ќе присуствуваат претставници од 50 држави

На денот на инаугурацијата на Хашим Тачи за претседател на Косово, поканети се претседатели и лидери на педесет држави од целиот свет. Меѓу поканетите е и српскиот претседател Томислав Николиќ.

Заменик министерот за надворешни работи, Петрит Селими, за порталот Индексонлајн изјавил дека речиси сите држави го потврдиле присуството на церемонијата.

- Претставници од околу педесет држави од целиот свет ќе присуствуваат на инаугурацијата, изјавил Селими.

Инаугурацијата е закажана за осми април во 11 часот на плоштадот „Скендербег“ во Приштина. Ден претходно Хашим Тачи ќе даде заклетва пред пратениците во косовскиот Парламент.

Хашим Тачи на 26 февруари беше избран за претседател на Косово во третиот круг гласање во Парламентот. Тој доби 72 гласа од 82 присутни пратеници.

- Ќе и служам на земјата и на граѓаните на Косово и тоа на сите. Ќе градам ново европско Косово кое ќе биде дел од ЕУ и НАТО и ќе ги продолжам одлучните односи со САД, изјави меѓу другото Тачи по изборот.

Мандатот на Атифете Јахјага завршува на шести април.