Македонија
26. September 2018 - 15:17

На ИФФК „Браќа Манаки“ претставена Европската програма ЛИМ (Less is more)

Директорот на државната Агенција за филм, Горјан Тозија и Масимилијано Нардули, на прес конференција во Битола ја претставија европската програма ЛИМ ( „Les is more“).

Програмата се подготвува за следното, јубилејно издание на Фестивалот, истакна Тозија од фестивалскиот прес-центар.

- Оваа програма навистина како да е креирана за Македонија. Главното мото на програмата е „Les is more“ и со неа фокус се младите синеасти и оние кои имаат до три филмови.  Филмска вештина е, со помалку пари да се добие подобар филм, а нас тоа ни е потребно. Ако некому му дадете многу пари, тоа не е гаранција дека тој ќе направи добар филм, напротив нашите искуства покажуваат дека поголем успех кај нас имале филмовите кои биле направени со помали буџети. Буџетот ќе се определува од самата идеја, спецификата на пишување на сценарија, оригинални, особено инвентивни, со посовремени теми што ќе придонесе за појава на нов бран во македонската кинематографија, а што е и наша стратешка определба, истакна Тозија.

Според Масимилијано  Нардули претставник на Европската програма „Less is more“ (LIM) наменета за филмови со ограничен буџет, во програмата може да конкурираат филмски автори кои претходно имале еден или најмногу три играни филмови.

- Македонија има многу таленти и ќе има своја улога во европската кинематографија. Фокусот на оваа програма е сценариото и се работи на проекти со мали буџети за да им се овозможи покреативен пристап, но и заради тоа што независните филмови се загрозени од големите продукции, нагласи Нардули и дополни дека се гордее на фактот дека Македонија е прва држава од Балканот што се придружува на овој проект.

На ИФФК „Браќа Манаки“, освен натпреварот за главните награди, во тек е и програмата на кратки филмови кои се борат за наградата „Мала камера 300“.