Бизнис
16. September 2019 - 21:36

На граничниот премин Ќафасан пуштен во употреба новиот царински терминал за стокови пратки

Пуштен во употреба новоизградениот царински терминал за стокови пратки на патниот граничен премин Ќафасан.

Со изградбата на новиот увозно-извозен терминал од 9,500 метри квадратни, пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи како и реконструкција на постојните објекти, се обезбедуваат подобри услуги за економските оператори и побрз проток на стоката на најголемиот граничен премин со Албанија. Премиерот Заев истакна дека се работи и на имплементација на решението за заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, за уште повеќе да се намали времето на чекање за превозниците.

Ќафасан е еден од најфреквентните гранични премини во земјата преку кој годишно преминуваат стотици илјади превозни средства и патници.

Досега царинските процедури и формалности на „Ќафасан“ се вршеа на самиот граничен премин. Инаку станува збор за инфраструктурен проект вреден 1,7 милиони евра реализиран со финансиска поддршка на ЕУ.