Македонија
31. May 2018 - 17:32

На француските гробишта во Битола отворен меморијален комплекс посветен на 100 години од борбите на македонскиот фронт

Во Битола отворен Меморијален комплекс по повод 100 години од борбите на Македонскиот фронт

Како дел од одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, на француските гробишта во Битола свечено беше отворен францускиот Меморијален комплекс, посветен на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, но и на локалното население кое ја доживеало таа војна. Меморијалот беше отворен од Женевиев Дариесек, Државен секретар во Министерството за Вооружени сили на Франција и министерката за одбрана и заменик-претседател на Владата, Радмила Шекеринска.

-Вашиот град и вашето население се покажаа како пример во времето на судирите во 1918 година. Ние ги познаваме страдањата кои ги претрпе цивилното население. Вчерашна Франција ве поздравува преку одликувањето со „Крстот на војната 1914-1918“, а Франција денес ве поздравува повторно, изјави  Женевиев Дариесек, Државен секретар во Министерството за Вооружени сили на Франција.

Од француските гробишта во Битола беа испратени пораки за мир и ветување дека никогаш нема да се заборават заедничките страдања.

-Денес кога со отворањето на Меморијалот во Битола го збогатуваме материјалното и духовното културно наследство на Република Македонија за Првата светска војна, симбол на заеднички страдања, но и на зближување, пријателство и соработка помеѓу народите на двете држави. Ние како претставници на нашите влади и министерства за одбрана, имаме најголема одговорност и обврска да ги гарантирамне и афирмираме вредностите на мирот, заедништвото и соживотот, истакна Радмила Шеќеринска, министер за одбрана.

Овој нов меморијален простор им оддава почит на војниците и зборува за значајното место што Македонскиот фронт го има во европската историја.

-Да создадеме свет со раскошна демократија, свет на единство и солидарност, пријателство, да создадеме свет со кој ќе покажеме дека сме научиле, дека сме пораснале, дека сме го испочитувале, дека ќе го запишеме на камен овој миг, истакна градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

На Македонскиот фронт се бореле околу 300 илјади француски војници. Од нив речиси 16.000 војници го имаат последниот ден тука, од кои 10.000 војници се без име.