Балкан
17. October 2018 - 8:37

На Федерацијата БиХ и се заканува политичка блокада

Десет дена по изборите во Босна и Херцеговина станува се поизвесно дека формирањето на новите владини институции во Федерација БиХ нема да оди ни малку лесно и не е исклучено овој бошњачко-хрватски ентитет да западне во политичка криза. 

Главна причини за тоа е изборот на Жељко Комшиќ од Демократскиот фронт за хрватски член на Претседателството на БиХ, што дополнително ги усложни и онака компликуваните односи меѓу Бошњаците и Хрватите во Федерацијата.

Најголемата партија на Хрватите во БиХ, национал-конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) обвинува дека Комшиќ, кој е лидер на мултиетничкиот Демократски фронт, за член на Претседателството е избран благодарение на гласовите на Бошњаците, а дека мнозинството Хрвати гласале за кандидатот на ХДЗ, Драган Човиќ.     

Жељко Комшиќ

ХДЗ од друга страна освои најмногу гласови меѓу хрватските партии и извојува апсолутна победа во кантоните во кои Хрватите се мнозинство, со што се наметнува како неизбежен учесник во формирањето на идните органи на власта во земјата.  

Човиќ, кој минатиот викенд престојуваше во Загреб, каде за изборите и постизборниот процес во БиХ разговараше со хрватските власти, по враќањето во земјата го услови учествово на ХДЗ во органите на власта со измена на изборното законодавство.

- Изборниот закон мора да биде претходна фаза во барањето партнерство со партиите со кои би направиле нова реформска агенда во која би требало да се дефинира економската стабилност, правната сигурност и европскиот пат на БиХ, изјави Човиќ, чија партија учествува во сите влади во земјата по завршувањето на Војната во БиХ во 1995 година. 

Тој најави дека ХДЗ ќе бара партнери со кои ќе се измени Изборниот закон, со цел да се гарантира почитување на „основите на легитимно претставување“ на сите конститутивни народи во БиХ. 

ХДЗ обвинува дека сегашниот изборен закон овозможува за изборот на хрватскиот член на Претседателството да не решаваат само Хрватите, туку и припадниците на другите народи во БиХ. Според партијата. Бошњаците сега имаат „два член на Претседателството“, а Хрватите ниту еден.

Драган Човиќ ЕПА

Човиќ истакна дека никогаш нема да се согласи на создавање унитрана Босна и Херцеговина, каква што според него, заговараат „радикалните политички партии во Сараево“, нагласувајќи дека се залага за „партнерство и пријателски однос со бошњачките пријатели“ и за рамноправноста на Хрватите во БиХ.     

Меѓутоа, аналитичарите во Сараево, но и дел од партиите и меѓународните претставници, ваквите изјави на Човиќ ги оценуваат како обид за уцена.

Канцеларијата на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ (ОХР) апелираше до партиите во земјата да пронајдат решение што ќе овозможи непречено формирење на органите на власта. - Ниту една политичка партија не би требало да го блокира спроведувањето на изборните резултати, се наведува во соопштението на ОХР.

Во врска со изјавата на Човиќ се огласи и Американската амбасада во Сараево, која оцени дека е „неодговорно иднината на земјата да се држи во заложништво поради постигнување политичка корист“ и апелираше до партиите да „дејствуваат во рамки на воспоставената политичка пракса во духот на компромисот“.

Босанските мултиетнички партии му порачаа на Човиќ дека врз нив не може да влијае со „ултимативни барања“ и доколку му треба партнер за подгревање тензии да го побара во неговиот коалициски партнер, Партијата за демократска акција (СДА) на Бакир Изетбеговиќ. 

Бакир Изетбеговиќ

Социјалдемократската партија (СДП) соопшти дека нема да се согласи на никакви уцени и по никоја цена нема да прифати предлози кои воведуваат дополнителна дискриминација, додека Демократскиот фронт барањата на Човиќ ги оцени како „ултимативни и недозволиви“.

На изборите за членови на Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата БиХ, коалицијата предводена од ХДЗ освои 13,57 отсто од гласовите со што е трета по јачина политичка сила во ентитетот зад СДА и СДП и согласно уставните правила за застапеност на сите конститутивни народи во органите на власта, речиси е невозможно формирање на новата ентитетска Влада без нејзино учество. 

Предлозите на Човиќ засега не наидуваат на поддршка од страна на бошњачките и мултиетничките партии, па доколку не дојде до промена на ставот на Човиќ и ХДЗ, формирањето на инстутициите на власта во Федерацијата БиХ ќе биде блокирано и ентитетот ќе западне во политичка криза.