Македонија
17. August 2015 - 13:44

На битолскиот универзитет во првиот уписен рок пријавени 1.300 бруцоши

Универзитетот „Св. Климент Охридски”-Битола во првиот уписен рок евидентира 1.300 заинтересирани кандидати за студирање во прва година и тоа се 35 отсто од вкупниот број понудени места за упис, информираат од Ректоратот на овој Универзитет.

На денешната прес конференција во Битола, проректорот за настава, професор д-р Сашо Атанасоски истакна дека огласени биле 3.803 места и постигнат е идентичен интерес за упис како и во минатата година.

- Задоволни сме од реализацијата на првиот уписен рок. Процентот на реализација од 35 отсто ветува дека по вториот и третиот уписен рок ќе имаме очекуван број на студенти во прва година кои би ја достигнале бројката од околу 2.500 студенти и тоа се реалните можности за упис на студенти на прв циклус студии, посочи проректорот Атанасоски.

Новата генерација студенти на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола најголем интерес за упис покажала за Факултетот за безбедност во Скопје и Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, потврдуваат од Ректоратот во Битола.

- Процентуално и според бројот на пријавени најголем интерес за упис регистриравме за Факултетот за безбедност во Скопје каде пријавени се 217 кандидати и на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид каде се пријавени 177 студенти. На останатите универзитетски единици интересот за студирање се движи од 25 до 35 насто што е во рамките на очекуваното ниво. Инаку и оваа година највисоко рангираните студенти ќе бидат ослободени од плаќање партиципација, нагласи Атанасоски.

Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола денеска ги објави и конкурсите за упис на студенти во втор циклус студии (магистерски и стручно специјалистички студии) за што огласени се 1.185 места, како и за трет циклус студии (докторски студии) за што се огласени 111 места за 18 студиски програми.