Македонија
29. January 2019 - 13:48

На 24 мај планинска трка низ најубавите предели на Националниот парк „Галичица“

На 24 мај низ падините на планината Галичица ќе се одржи првата трка во планинско трчање „Охрид трејл“.

На денешната прес-конференција свикана како промоција на самата трка, в.д. градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, кој и самиот е активен планинар, посочи дека настанот е во насока и заложба на активностите за продолжување на туристичката сезона во Охрид и тоа, како што нагласи, не со мегаломански проекти туку во развој на алтернативни спортови, за кои регонот поседува основни предуслови, а тоа е недопрена природна убавина.

-Охрид од оваа пролет ќе биде побогат за уште еден спортски настан, со двете трки во планинско трчање на 35 односно 60 километри, организиран од Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите“. Заедно со манифестацијата „Охрид трчат“ создаваме бренд на кој сите ние во градот се гордееме, рече Георгиески, најавувајќи дека Општина Охрид со сите расположиви ресурси ќе ја поддржи манифестацијата.

Станува збор за планинско трчање, активност која во светски рамки бележи се поголем интерес, пред се поради пикторескните предели низ кој води самата траса на трката.

Самиот настан ќе биде промотивен, во насока на дополнителна афирмација на Охрид како туристичка дестинација, а секако и како обид да ги промовира здравите животни навики и подолг престој на луѓето во природа.

-Планинското трчање е спорт како мешавина од планинарење и трчање на долги патеки, најчесто низ национални паркови, во заштитени зони, природни резервати и места кои изобилуваат со ретки природни убавини. Трките во планинско трчање во организирана форма се присатни 15 години низ светот, појасни Дејан Крлевски од Здружението за спортови во природа „Трекс“ кое се јавува како зачетник и промотор на организирано планинско трчање во Македонија.

Трката на 60 километри ќе стартува кај манастирскиот комплекс „Свети Наум“ додека покусата онаа на 35 километри кај автокампот „Елешец“, додека целната линија е на Градскиот кеј во Охрид. Организаторите определија и временска рамка од 15 односно девет часа за завршување на трките. Инаку, конфигурацијата на теренот условува подолгата трка да се трча односно пешачи на позитивна и негативна денивелација од 3.200 метри, додека на пократката 1.500 метри угорнина и надолнина.

Трејл трки како оваа на Галичица кај нас веќе се одржуваат уште и во Прилеп со трката „Крали Марко трејлс“, „Струмина трејл“ во Штип, „Церипашина Вертикал“ на Попова Шапка и од лани трката „Водно Матка“, регионално попознати се оние на планината „Витоша“ во соседна Бугарија, Копаоник во Србија, Плитвице во Хрватска, додека светски најпознати се оние на Фарските острови, Трансилванија во Романија, Тромсе во Норвешка, трките во Канада и САД, како и онаа околу масивот „Монт Блан“.