Балкан
12. May 2020 - 17:11

На 17 мај црквите во Грција почнуваат со литургии за верниците

Πод посебни правила и прописи в недела, на 17 мај 2020 година црквите во Грција ќе започнат со литургии за верниците, како и со религиозни обреди, како што се венчавки и крштевки.

Во текот на денот ќе се објави и конкретната министерска одлука што ќе биде во сила од 17 мај до 5 јуни 2020 година, потпишана од надлежните министри, додека пак Светиот синод на Грчката Православна црква, денеска одржа состанок околу условите за одржување на литургиите и присуството на верниците.

Според Светиот синод предвидено е да има контролирано влегување, да се држи растојание од еден и пол метар, на влезовите да има антисептик.

Дозволен број на верници во внатрешноста е во зависност од големината на црквата, односно едно лице на десет метри квадратни.

Доколку црквата е над 500 метри квадратни, дозволени се 50 лица

Во случај бројот на верници е поголем од дозволениот во секоја црква, останатите верници треба да чекаат во дворот.

Се препорачува во црквата, верниците да носат маска, „која секако ќе ја тргнат пред причестувањето“. Верниците кои припаѓаат на ранливите групи граѓани, да избегнуваат излегување од дома.

Конкретните правила и прописи за литургиите, се исти и за венчавките и крштенките.

Заедно со црквите, се отвораат и останатите  религиозни објекти во Грција.

Со укинување на забраната за движење на граѓаните, од 4 мај годинава, црквите и останатите религиозни објекти во Грција, беа отворени, но само за индивидуални молитви.