Кошарка
11. August 2016 - 10:38

МЗТ Скопје се засили со Мејси и Лалиќ

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона ќе има уште двајца нови играчи во својот состав – Џеремаја Мејси и Јуре Лалиќ. Двата трансфера беа објавени на интернет страницата на клубот.
Американецот со македонски пасош Мејси (34 год. 202 см.) официјално стави потпис на едногодишниот договор со актуелниот првак. Игра позиција крило.
Мејси е поранешен репрезентативец на Македонија, играше во квалификациите за Европското првенство 2009 и на шампионатот што се одржа во Полска 2009 година. Одигра вкупно 12 натпревара во македонскиот дрес имаше просек од 12,7 поени по натпревар и 5,4 скокови.
Европската „епизода“ ја почна во 2005 година во дресот на грчка Лариса, а првиот забележителен настап го имаше во тимот на Арис, каде што играше во периодот од 2006 до 2008 година. Двете учества на грчкиот олстар-меч и МВП-признанието на овој ревијален меч освоено во 2008 година на Мејси му донесе и трансфер во големиот Реал Мадрид, чиј член беше во следната една ипол сезона, по што мина неколку месеци во шпанскиот тим Обраидо.
Руските тимови Локомотив Кубан и Красние крила се неговите следни екипи, а настапуваше и за бундеслигашот Бросе баскет. Настапуваше и во Либан, а пред МЗТ Скопје го носеше дресот на аргентинскиот прволигаш Депортиво либертад.
Во редовите на МЗТ Скопје Аеродром ќе настапува како Македонец што нема да биде од посебна важност во АБА-лигата и во Еврокупот, каде што нема ограничувања, но ќе биде значајно во домашните натпреварување во кои нема да влезе во квотата предвидена за странски засилувања.
Покрај Мејси, ново име е и хрватскиот интернационалец Јуре Лалиќ (30 год., 211 см.). Игра на позицијата центар, а лани го носеше дресот на словенечката екипа Крка.  Претходно има играно и за Задар, белгиска Шарлоа, Унион Олимпија, Цибона, бугарски Лукоил Академик и полска Зиелена гора.
Претходно во редовите на шампионот беа ангажирани: Американецот Џош Скот, Холанѓанецот Шарлон Клоф, Србите Ѓорѓе Дреновац и Урош Лучиќ како и македонскиот репрезентативец Марко Симоновски