Кошарка
24. May 2017 - 20:56

МЗТ Скопје Аеродром ја одбрани шампионската титула

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија шампионската титула откако вечерва во мајсторката од финалето на плеј офот го совлада тимот на Карпош Соколи со 86:82 (22:20; 23:21; 19:21 и 22:20). МЗТ Скопје до шестата титула стигна со 3-2 во победи во финалето.
 
Во изедначен натпревар ниту една екипа не успеа да добие четвртина поголема од два поена. На три минути пред крајот гостинот Карпош Соколи водеше со 78:74, но домаќинот со серија од 11-2 направи пресврт и поведе со 85:80 што се покажа решавачко. Во клучните напади гостите промашија неколку удари за три поени што се покажа како решавачко во завршницата.
 
Најефикасни кај победникот беа Шарлон Клоф со 29 поени и Ѓорѓе Дреновац со 23, додека кај Карпош Соколи најпрецизни беа Драган Лабовиќ и Кендрик Пери со по 17 поени.
 
Признанието МВП (најкорисен играч) на финалето го доби Шарлон Клоф од МЗТ Скопје, додека шампионскиот пехар на капитенот Марко Симоновски му го предаде претседателот на Македонската кошаркарска федерација Петар Наумоски.     

„Мајсторката“ ја судеа судии од Турција.