Кошарка
20. May 2018 - 16:47

МЗТ нема да истрча вечерва во „Градски парк“

Вечерва во 20ч. е планирано да се одигра дербито од домашната Супер лига помеѓу Работнички и МЗТ Скопје.
Но на самиот ден на одигрувањето со соопштение се огласи МЗТ Скопје во кое најави дека вечерва нема да го започне мечот против градскиот ривал. Соопштението во продолжение во целост:

„Поради загриженост за безбедноста на кошаркарите и членови на стручниот штаб по ужасното искуство на претходното гостување кај Работнички во Скопје (тие понекогаш играат и во Гостивар па да не дојде до забуна), кога кон нив беа фрлени стаклени шишиња, би сакале да ја известиме спортската јавност дека МЗТ Скопје Аеродром нема да го почне вечерашниот меч во „Градски парк“ сѐ додека не се увериме дека организаторот ги исполнил сите безбедносни мерки предвидени во неговиот договор со МКФ пред стартот на Суперлигата.

Нема да дозволиме нашиот тим да биде во улога на глинени гулаби подготвени за отстрел во сала која одамна е зрела за пензија и каде што сите клубови прифатија да ја доиграат сезоната само ако центарци ги отстранат опасносните пред кои се изложени гостинските екипи. Кошаркарите во сино-бела опрема нема да истрчаат на паркетот ако во „Градски парк “ нема доволен број професионали редари, ако ложата над нашата клупа не биде празна и ако навивачите на домашниот тим не бидат сконцентрирани на страната од нивната трибина која е спротивна со нашата клупа. Во било кој момент од средбата ќе го напуштиме паркетот ако за секој инцидент од типот на фрлање предмети и плукање кон нас или судиите, трибините не бидат испразнети или мечот прекинат со понатамошна дефинитивна суспензија на салата.

Сето ова не е наш хир или самоволие, туку станува збор само за дел од обврските кои центарци ги преземаа за да може да играат во „Градски парк“, поради што мора целосно да ги исполнат. Истовремено од челниците на МКФ бараме да го информираат делегатот на вечерашната средба за сите овие детали кои домаќинот мора да ги исполни, а од него очекуваме чесно и спортски да ги провери истите и да не дозволи потфрлање на топката додека сѐ додека актерите на паркетот не бидат максимално безбедни. Минатиот пат стаклените шишиња нѐ промашија, но не сакаме одново да си ја проверуваме среќата со овој таканаречен „центарски рулет“.

Нашите барања доаѓаат од принципиелност и желба да бидеме заштитени, а не како своевиден реванш по одлуката на противникот да забрани присуство на нашите навивачи на финалните натпревари на кои ќе биде домаќин. Нашиот одговор на ова неџентлменско однесување на вечниот ривал е одбивањето да ги подигнеме 25-те билети, кои според актите ни следуваат за средбите во „Градски парк“. Ударот по нашите навивачите е удар по клубот и ние максимално се солидаризираме со нив.

А, на нашите колеги од Работнички е да подразмислат за чекорите кои ги прават и да се обидат да сфатат дека со вакви потези прават штета на целата македонската кошарка, а дека ние и нашите навивачи сме само колатерална штета на нивната деструктивност. Но, тоа е нешто што треба да им служи на честа, која очигледно ја немаат“