Бизнис
25. January 2023 - 16:03

МЗШВ со заштеда на струја над 20 проценти

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека по самоиницијативното воведување на мерките за намалени трошоци во работењето, но и по препораките на Владата за рационално трошење електрична енергија, ја исполни обврската и забележа заштеда од над 20 проценти.

-Денес, половина година по носењето на планот и упатството за штедење, можеме да констатираме дека воведените мерки одлично ги исполнуваат зацртаните цели. Евидентиравме заштеда на трошоци за канцелариски материјали на крајот од второто полугодие во однос на првото со изразен процент од 39 отсто, заштеда од 31 процент на трошоците за работно време подолго од редовното работно време на крајот од второто полугодие 2022 година, а заштеда од седум отсто е евидентирана во делот на трошоците за исплата на патни и девни расходи, информира МЗШВ.

Веднаш по почнувањето на економско-енергетската криза, МЗШВ самоиницијативно во јуни воведе план за штедење со сет мерки кои предвидуваа намалување на трошоите од работењето, како одговор на негативните влијанија од кризата која го зафати светот. Мерките имаа за цел да направат промени во начинот на вршење на работата во институцијата, а предвидуваа намалување на трошоците за електрична енергија, гориво и други режиски трошоци, намалување на потрошувачката на канцелариски материјал, трошоци за прекувремена работа како и патни и дневни расходи на ниво на одржлив минимум за нормално и редовно функционирање на работата на Министерството.

Во август, пак, Владата донесе сет препораки, мерки и задолженија за заштеда на електрична и топлинска енергија по што беше донесено упатство за заштеда на министерството. Фокусот на МЗШВ беше да се заштеди електрична енергија и да се заштедат буџетски средства.

-Со воведување домаќински мерки за штедење, остваривме заштеди во трошењето на електрична енергија во периодот јули – декември, при што намалувањето на потрошувачката на електрична енергија опаѓаше во просек по осум проценти секој месец од воведувањето на мерките до крајот на календарската година. Во оваа насока, целосно ги исполнивме и таргетите поставени од Владата со носењето на планот за рационализација на трошоците при што Министерството за земјоделство во споредбените периоди за септември, октомври и ноември со истите месеци од 2021 година прогресивно напредуваше од 19 отсто кон 33 проценти заштеда и ја исполни целта заштедата на ниво на институција да надминува 20 отсто, наведува МЗШВ.

Министерството информира и дека почна иницијатива за поставување фотоволтаици на централниот објект, проект чија реализација во 2023 година, како што додава, ќе придонесе за натамошно генерирање заштеди и употреба на буџетските средства за намени кои ќе обезбедат развој и раст на националната економија.