Бизнис
28. April 2019 - 10:52

МЗШВ: Нови огласи за доделување државно земјоделско земјиште под закуп ќе се објават по изборите

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на подготовка на нови огласи за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, што ќе бидат објавени по завршувањето на изборите за претседател на Република Северна Македонија и на локалните избори за избор на градоначалник во општините Охрид, Дебар и Ново Село.
 
Како што соопштуваат од Министерството, Се работи за јавни огласи за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини до и над три хектари, во повеќе региони во државата.
 
На јавните огласи земјоделците ќе може да конкурираат за добивање државно земјоделско земјиште за земјоделска обработка на едногодишни и повеќегодишни земјоделски култури.
 
На огласите е планирано да се објави  вкупна површина од  над  15.000 хектари во повеќе региони и тоа: Битола, Валандово, Виница, Велес, Делчево, Демир Хисар, Гевгелија, Крива Паланка, Кичево, Куманово, Кавадарци, Кочани, Крушево, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Ресен, Тетово, Струга, Охрид, Прилеп, Штип и други региони.
 
Истовремено Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го објави и вториот јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари за вкупно земјоделско земјиште од над 1.500 хектари. Овој оглас ќе биде со намена  реализација на проект за подигање земјоделски насади и изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи во повеќе региони и тоа: Штип, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Свети Николе, Гази Баба, Валандово, Кавадарци, Прилеп и други региони.
 
За правните и физичките лица сопственици на оранжериите и помошните објекти во функција на оранжеријата кои не го искористиле правото да го откупат земјоделското земјиште во државна сопственост Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство го подготвува третиот јавен повик за купување земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжериите на кој се дава можност сопствениците на оранжеријата и помошните објекти да го купат земјоделското земјиште во државна сопственост определено како технолошка целина на оранжеријата.