Бизнис
19. July 2018 - 12:14

МЗШВ најави 4 нови мерки за поддршка на производителите на пченица и мелничарите

Просечната производна цена на пченицата годинава е 9,14 денари, а се очекува просечен принос од 3.500 килограми од хектар, соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Николовски ги повика мелничарите да ја земат предвид оваа цена добиена согласно анализите на производните трошоци на 300 земјоделски стопанства и врз основа на неа, да ја формираат откупната цена.

Министерот на прес-конференција најави нови четири мерки за поддршка на полјоделството, особено на производството на пченица, со кои, како што нагласи, во секторот ќе влезат дополнителни четири милиони евра.

- Секој регистриран откупувач на пченица што ќе купи домашно лебно жито до 15 септември 2018 година и ќе го исплати до 15 декември, ќе добие субвенција од еден денар за килограм откупена пченица, истакна министерот, додавајќи дека ако се очекуваат 70.000 пченица, оваа мерка ќе повлече еден милион евра.

Според Николовски, се предлагаат уште неколку мерки, кои предвидуваат зголемување на субвенцијата за 10 отсто за земјоделците кои имаат над 100 хектари со полјоделски култури, како и исплата на 100 отсто финансиска поддршка за оние што имаат пријавено 0,3 до 20 хектари.

Министерот очекува новите мерки за поддршка да бидат усвоени на следната владина седница, во вторник.