Македонија
30. July 2017 - 13:22

МВР: Внатрешна контрола го истражува полициското постапување на протестот во Скопје

Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди веќе постапува по налогот за детално истражување на полициското постапување при протестот на неколкумина граѓански активисти вчера по повод презентацијата на воена, медицинска и техничка опрема во Скопје.

Притоа, како што стои во денешното соопштение, доколку се утврди пречекорување на преземените полициски дејствија, тоа ќе биде соодветно санкционирано.

Правото на протест е неприкосновено и со Уставот на Република Македонија - загарантирано право кое што, меѓу другото, полицијата има должност да го штити, исто како што има должност да го штити јавниот ред и мир и сигурноста и безбедноста на сите граѓани на Република Македонија, наведуваат од МВР.

Министерството исто така категорично ги демантира сите наводи за приведување на лица во врска со посочениот настан.