Македонија
5. August 2018 - 21:45

МВР: „Ренџ роверот“ бил управуван од полициски службеник со соодветен службен налог

МВР вечерва соопшти дека возилото „Ренџ Ровер Дискавери спорт“, кое е во нивна сопственост, било управувано од полициски службеник и со соодветен службен налог.

Како што стои во соопштението, тоа е утврдено во извештајот од Одделот за внатрешна контрола и професинални стандарди по извршените проверки.

- По извршените проверки, констатирано е дека на ден 2 август 2018 година, возилото „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ е управувано од полициски службеник вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти кој возилото го управувал со соодветен службен налог. Возилото во 13 часот и 35 минути го преминало граничниот премин Богородица и патувало на територија на Република Грција. Возилото е вратено во Република Македонија истиот ден, 2 август 2018 година, наведуваат од МВР.

Се најавуваат и дополнителни проверки и преземање соодветни мерки, доколку по утврдување на сите факти се утврдат неправилности.

За возилото марка „Ренџ Ровер Дискавери спорт“, сопственост на МВР, вчера дел од медиумите соопштија дека се наоѓа во Грција.