Македонија
9. August 2017 - 17:25

МВР: Регистрирани мал број инциденти без сериозно нарушување на безбедноста

Тројца странски и двајца македонски државјани ќе одговараат кривично за препродажба на билети за Супер купот. Против нив ќе бидат поднесени пријави за сторено кривично дело „недозволена трговија“, со што им се заканува казна затвор од 1 до 3 години. Кривично ќе одговара и вработен во Агенцијата за разузнавање кој под дејство на алкохол, одбивал да биде претресен при влез во националната арена.

- Извршена е тешка кражба на дрзок начин над британски државјанин од страна на непознат таксист, при што му се одземени 400 евра и златен ланец, а се превземаат мерки за пронаоѓање на сторителот. Продажба на шалови со натписи на наведените екипи од страна на двајца македонски државјани на кои им е издаден записник за прекршок по Законот за трговија, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. 

Освен овие изолирани случаи, од МВР велат дека Суперкупот минал без посериозни инциденти. Во текот на вчерашниот ден полицијата привела 14 лица, од кои 6 странски и 8 македонски државјани.

- Оценката која утрово ја добив од штабот е дека деновите пред одржувањето на натпреварот и денот на натпреварот безбедноста на граѓаните и сите учесници не била загрозена и не се регистрирани сериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Упатувам и голема благодарност за одличната соработка со ФФМ и УЕФА со кои постојано комунициравме во интерес на одличната организација на овој настан“ посочува Спасовски.

Централното градско подрачје вчера го обезбедуваа повеќе од 2600 полициски службеници. Под посебен безбедносен режим во изминатите два дена беше националната арена, плоштадите кои беа резервирани за фановите на двата фудбалски тима, како и хотелите во кои престојуваа фудбалските ѕвезди и тимот на УЕФА.