Македонија
15. April 2021 - 17:47

МВР: Проблемот со двојните матични броеви датира од 1981 година

Проблемот со двојните матични броеви започнал во 1981 година и по неговото откривањето, веднаш е пристапено кон поништување на овие матични броеви и таа постапка веќе подолг период е во тек, при што голем дел од овие матични броеви се поништени, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

– Имено, ваквата појава започнала во 1981 година, кога во Република Македонија е воведено електронско определување и евиденција на матичните броеви. Постапката за поништување на матичните броеви трае веќе подолг период и е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени. Изјавата дека во Република Македонија има 20 000 двојни матични броеви е неоснована и неаргументирана, имајќи ги предвид евиденциите со кои располага Министерството за внатрешни работи, информираат од МВР.

Од таму додават дека Одделот за граѓански работи во делокругот на своите надлежности има законска обврска да определува и поништува матичен број на граѓаните на Република Македонија според Законот за матичен број („Службен весник на РМ број 137/2013 и 55/2016“).

– Матичен број на граѓанин според постоечкиот закон се определува според местото на запишување на граѓанинот во матичната книга на родени во Република Македонија. Според Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година, кога за прв пат е уредено определувањето на  матичниот број, и евидентирањето на матичниот број во РМ се определувал според живеалиштето на граѓаните, а само за новородените деца според местото на раѓање, во Република Македонија биле утврдени девет регистрациони подрачја, соопштија од МВР.

Од Министерството посочуваат дека определувањето и запишувањето на матичниот број траело од 01.01.1981 до 31.12.1985 година.

– Во овој временски период направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви што довело до определување на дупли матични броеви за едно исто лице. Покрај ова дупли матични броеви се определувале и подоцна  како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК како и технички пропусти на постоечкиот Систем за автоматска обработка на податоците, посочија од МВР.

Заради целосно и навремено ажурирање на матичните броеви, се додава во соопштението, Одделот за граѓански работи, Секторот за управно надзорни работи, Одделението за државјанство, граѓански состојби и матичен  број се вклучи во овој процес во делот на утврдувањето на дуплите матични броеви, изготвува списоци со податоци и ги доставува до ОУР Скопје за понатамошна постапка за проверка во матичната евиденција и нивно поништување.

– Досега се обработени дупли матични броеви за тековни години од 1954 до 2019 година. Од 1930 година до 1954 година постапката за проверка на овие матични броеви е во тек и во овој  период од направена анализа има помал број на вакви матични броеви. Само за илустрација во ОУР Скопје од 660 дупли матични броеви, поништени се 580,  а за 80 постапката е во тек и се однесуваат за евиденција од матичните книги од месните канцеларии на УВМК Скопје и 213 матични броеви кои се за матична книга на родените за Скопје, велат од МВР.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинарите изнесе тврдења за изготвување и издавање лични документи на исти лица со ралични матични броеви во земјава. Според тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, во зенжмјава постојат над 20.000 лица кои имаат по најмалку два матични броеви.