Македонија
21. December 2015 - 8:34

МВР: Приведени три лица по претрес во акција за сузбивање недозволена трговија со дрога

Министерството за внатрешни работи сооопшти дека  се приведени три лица од Скопје по извршен престрес што бил извршен завчера во нивните домовите, во рамки на активности за сузбивање недозволена трговија со дрога.

Како што се наведува во синоќешното соопштение од МВР, по претходно реализирани случаи на недозволена трговија со дрога во текот на месецот, ОСОСК при МВР продолжувајќи со активности по однос на информации за сузбивање улично дилерство на дрога, а со добиена наредба од судија на претходна постапка, завчера изврши претрес на дом и други простории на лицата З.Б. (41) и И.Б. (31) од Скопје поради основи за сомневања за сторено кривично дело по чл.215 од Кривичниот законик на РМ, но и поради објавена централна потерница за З.Б. по наредба на Основниот суд Скопје 1 од 5 март 2015 година, за сторено кривично дело по чл.258 ст.1 од Кривичниот законик на РМ.

При претресот, се вели во соопштението, покрај едно помало пакување со тревкаста материја и околу два килограми прашкаста материја, се пронајдени и одземени: 78 панцирни елеци, неколку парчиња секачи за хартија, неколку преси за хартија, апарат за обработка на пластика, поголем број на пластични фолии, налепници, фолии со амблеми, фотокопии од патни исправи на повеќе непознати лица лица, лична карта од странска држава, возачка дозвола од странска држава, голем број фотографии од непознати лица, голем број фотокопии од лични документи на непознати лица, компјутерска опрема, кореспонденција од електронска пошта, документи со текстови на странски јазик од банки, принтери и др.

По наредба на судија на претходна постапка, соопштува МВР, дополнително е извршен претрес и во домот на лицето С.А. (48) од Скопје. При претресот покрај компјутерска опрема пронајдени и одзeмени се принтери, хартија во различен формат, состав и боја, фолии и др. По извршените претреси трите лица беа приведени.

Од досега извршените крим.технички вештачења се утврди дека пронајдената хартиена паковка претставува наркотична дрога марихуана со вкупна маса 0,38 грама, а пронајдената прашкаста материја со вкупна маса од 2.354 грама, претставува смеса од кофеин и парацетамол, медикаменти кои на илегалниот пазар се користат како додаток во хероинот, со цел зголемување на масата, за што против лицето И.Б. до ОЈО Скопје, поднесена е кривична пријава за кривично дело по чл.215 од Кривичниот законик на РМ. Исто така од досегашното вештачење утврдено е дека личната карта и возачката дозвола од странската држава се фалсификувани.

Поради големиот број пронајдени и одземени предмети, за кои постојат основи за сомневања дека потекнуваат или со нив се извршени и голем број други кривични дела, ОСОСК во координација со ОЈО Скопје, продолжува со истрагата, во насока на крим.техничко вештачење на предметите, обработка и анализа на податоците,  се вели во соопштението.