Македонија
5. February 2020 - 16:40

МВР остана без пасоши, Чулев тврди дека ситуацијата е алармантна

Пасоши во државата речиси и да нема. Граѓани на социјалните мрежи реагираат дека не можат да закажат ниту термин. Во текот на денот неколку пати се обидовме да воспоставиме контакт , но постојано го добивавме истиот одговор дека сите оператори се зафатени.

- Во моментот сите оператори се зафатени, ве молиме обидете се повторно, укажуваше секретарката.

Техничкиот министер во МВР предупреди дека алармантна е ситуацијата со издавањето патни исправи. Наќе Чулев вели дека дури за еден месец ќе има нова нарачка за патни исправи.

- Патни исправи тип Б веќе речиси и да нема. Патни исправи тип А на македонски јазик има до кај 10-ти февруари. Значи, веќе имаме редуцирано издавање, тоа е проблем што го наследив од порано. Резултат е на лошо и планирање и анализа на потребите на МВР од патни исправи. Наредната нарачка е после 15-ти март. Значи, имаме еден сериозен проблем од речиси од 30 дена, рече Наќе Чулев, технички министер за внатрешни работи.

Одреден застој има и за издавањето лични карти и возачки дозволи, но според првиот човек во МВР состојбата некако ја менаџирале и проблемот ќе го надминеле деновиве.