Македонија
15. July 2016 - 15:28

МВР објави конкурс за прием на 600 нови полициски службеници

Министерството за внатрешни работи објави конкурс за прием на 600 кандидати за полициски службеници, кои од октомври ќе ја почнат 12 месечната обука.

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков на денешната прес-конференција изрази оптимизам дека согласно потребите на МВР ефективно ќе се изврши селекција на квалитетни кандидати за полициски службеници.

Новина во овој конкурс, посочи тој, е тоа што е сменет Правилникот за селекција во однос на утврдените физички проверки односно намалените се критериумите и се однесуваат за основниот полициски состав. По завршувањето на конкурсот, нагласи, оние што ќе сакаат да бидат во специјалните единици преку интерен транспрентен оглас, ќе мораат за поминат построги критериуми за физичка подготвеност.

Бројот на полициски службеници, за кои е објавен конкурс, информира Чавков, е согласно Стратегијата за развој и управување со човечки ресурси, како и  врз основа на направените анализи, процеси и потребите за справување со актуелните закани не само во Македонија, туку и во Регионот.

- Имаме недостаток на униформирани полициски службеници. И со оваа генерација кандидати сакаме да го амортизираме тој недостаток. Европскиот просек е околу 300 полициски службеници на 100 илјади жители, а ние во рамки на МВР тој просек се уште го немаме постигнато, рече Чавков и додаде оти е утврдена потребата за зајакнување на персоналните капацитети на граничната полиција.

Во регионалните Сектори за внатрешни работи, информираше, има 50 до 60 проценти потполнетост на потребите за полициски службеници. Според него, поалармантна е состојбата во СВР-Скопје каде што има 145 полициски службеници на 100 илјади жители. 

- Нашата стратегија е четиригодишна, но имаме направено до 2020 година и сакаме да го усогласиме приемот на полициски службеници по основ на пензионирање. До 2020 година на ниво на МВР по основ на пензионирање ќе заминат 1.400 вработени, од кои 1.200 се полициски службеници, појасни министерот Чавков.

На новинарско прашање дали ќе се примат на работа оние полицајци кои ја поминаа обуката од претходниот конкурс, а не добија договори за работа затоа што се чекаше согласност од Министерството за финансии, Чавков потенцира дека се прават напори да се вклопат и овие полициски службеници, кои имаат добиено сертификат за завршена полициска обука. Подвлече дека се разговара со Министерството за финансии, бидејќи МВР има потреба од тие полициски службеници, чии капацитети би се подигнале со дополнителни обуки, но, истакна, не може да прејудицира однапред за исходот од разговорите.

Прашан зошто се објавува конкурс за прием на нови 600 полициски службеници во време кога се во тек партиските преговори во Пржино, а една од точките е и ингеренциите на министерот за внатрешни работи, Чавков дециден дека не треба да се мешаат овие процеси со функционирањето на МВР.

- Независно од текот на овие процеси МВР треба да функционира и да ја извршуваа основна функција, а за тоа е потребно и соодветно и навремено пополнување. Доколку се распишат избори немате можност да распишувате конкурси, да се прават селекции и ќе се изгуби цела година, а јазот што го имаме сега ќе биде подлабок. Тоа е основната причина зошто сега, одговори на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Чавков.

На прашањето како може да функциконира министер за внатрешни работи со одземени ингеренции за кадровски промени согласно законските измени,  за Чавков се работи за шпекулација.

- Во Законот за внатрешни работи ниту една ингеренција не му е одземена на министерот за внатрешни работи, ниту во делот на остварувањето на функцијата на Министерството, раководење и спроведување на политики во рамки на министер за внатрешни работи, ниту во делот на управувањето со човечки ресурси. Ниту една ингеренција на министерот не му е доведена во прашање, тоа се шпекулации, истакна Чавков.