Македонија
22. July 2021 - 9:19

МВР: Набавени нови 40 дрегери - Со подобра опрема за полицијата до поголема безбедност за граѓаните

Министерството за внатрешни работи набави нови 40 етилометри (познати уште и како дрегери) кои ќе бидат предадени на сообраќајната полиција за санкционирање на возачите што управуваат возила под дејство на алкохол. По неодамнешната набавка на 50 модерни, технички високо-софистицирани радарски уреди, продолжуваме со опремувањето на сообраќајната полиција со цел уште поголемa безбедност на патиштата.

Токму возачите кои управуваат возило под дејство на алкохол се причинители на голем број тешки сообраќајни незгоди и затоа нивното санкционирање е еден од приоритетите на сообраќајната полиција. Сега сообраќајната полиција има 145 етилометри, за разлика од само осум етилометри во 2017 година.

Постојаното вложување во сообраќајната полиција и професионалното работење на полициските службеници придонесуваат за континуирано намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Со новата опрема дополнително ја зголемуваме безбедноста на патиштата, а и во наредниот период продолжуваме со сите потребни набавки за да обезбедиме максимални услови за сообраќајната полиција. Како резултат на посветеноста за создавање безбедни средини за граѓаните, минатата 2020 година е година со најмал број на жртви, а од 2017 година наваму бројот на жртви континуирано се намалува.