Македонија
23. јуни 2019 - 16:13

МВР ја истражува снимката за Курто Дудуш, Заев со осуда, опозицијата бара оставка

Министерството за внатрешни работи го испитува случајот со градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, откако во јавноста се појави аудио снимка на која наводно се слуша како Дудуш вербално и физички малтретира друго лице. МВР ја испитува автентичноста на аудио снимката, а на информативен разговор веќе била повикана жртвата во случајот. Дополнително ќе разговараат и со напаѓачот.

“МВР работи на расчистување на случајот и веднаш штом ќе биде расчистен соодветно ќе ја информираме јавноста, како што тоа го правиме постојано”, вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

За премиерот Заев насилството е недозволиво. Го осудува настанот и ги повикува истражните органи да утврдат дали и каква одговорност постои.

“Одговорност мора да има. Тоа сме го гарантирале секогаш и продолжуваме да го гарантираме. Ваквите постапки се недозволиви, од кој сака нека се во нашата земја. Затоа мора да има одговорност и јас лично го осудувам ваквиот настан и се надевам дека нема да се повтори никаде, на никое место во нашата земја”, изјави премиерот Зоран Заев.

Но опозицијата очекува чекор повеќе. Бараат градоначалникот Дудуш итно да си поднесе оставка. Очекувале премиерот да го побара тоа.

“Господине Заев немате друг избор освен да повикате вашиот пулен веднаш да си даде оставка. Итна оставка без замајување на јавноста кога партијата СДСМ наводно ќе се огради а министерот Спасовски ќе купува време. Ако Дудуш остане на таа позиција, граѓаните на Шуто Оризари ќе продолжат да бидат жртви на неговото беззаконие и самоволие. Оставка бидејќи се друго ќе биде директна заштита на криминалот, насилството и беззаконието и тоа лично од премиерот Зоран Заев”, вели Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Снимката што пред 2 дена се појави на интернет порталите содржи разговори помеѓу неколку лица меѓу кои се тврди дека е и градоначалникот на Шуто Оризари. Се слуша тепање, викање, навреди..

Дудуш вчера тврдеше дека снимката не е автентична.