Македонија
28. August 2018 - 17:09

МВР и Обвинителството се уште немаат осомничено лице за грозоморното убиство на цело семејство во Дебар

Нема осомничен за тројното убиство во Дебар. Надлежните велат дека истрагата е во тек. Од Секторот за внатрешни работи Охрид откриваат дека се анализираат собраните доказни материјали и се повикуваат на распит луѓе кои комуницирале со семејството. Во расветлување на случајот работи и надлежното јавно обвинителство.

„По наредба на јавниот обвинител беа земени парафински ракавици и беше извршен претрес во домовите на неколку лица со кои жртвите во последниот период поинтензивно контактирале, но се уште нема осомничен извршител на кривичното дело. Дополнително, ќе бидат сослушани сите лица кои ги познавале жртвите и кои би можел да помогнат за расветлување на случајот“, објаснуваат од јавното обвинителство.

Инаку најблиските денеска се простија од тројцата членови на семејството Поцеста. Брачниот пар и нивната 14 годишна ќерка беа погребани на муслиманските гробишта во Дебар. Поради грозоморното убиство, општинскиот совет денеска ја одложил и работата.. Пред почетокот на седницата, советниците со едноминутно молчење изразиле почит и не ја продолжиле работата..

Во саботата ноќта се случи тројното убиство на улицата 1-ви мај во Дебар. На спиење смртно беа застрелани брачниот пар Поцеста и нивната малолетна ќерка. Од домот ништо не било одземено.

Дебарската јавност веднаш по трагедијата коментираше дека причина за убиството најверојатно се нарушени фамилијарни односи. Се сомневаат дека член на потесното семејство посегнал по животот на брачниот пар и нивната ќерка. Роднините на убиените кои не сакаа да говорат јанов откриваат дека Поцеста цели 10 години водел судски спор за поделба на дворот со член на семејството. И покрај ова велат дека никогаш немале недоразбирања – чекале судот да утврди дали дел од просоторот може да се користи за пристапен пат.