Македонија
29. October 2017 - 14:07

МВР: Гласањето без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир

Министерството за внатрешни работи оцени дека на денешното гласање од вториот круг од Локалните избори нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес-конференција истакна дека регистрирани се три случаи на фотографирање гласачко ливче, нешто,  како што рече, што се случуваше и во првиот круг од гласањето кога имаше 10 случаи на фотографирање на гласачко ливче.

Фогорафирање на гласачко ливче денеска е регистрирано во Шуто Оризари во ОУ „26 Јули“, во Црниче и во Пробиштип.

Од МВР апелираат да не се фотографираат гласачките ливчиња затоа што со тоа го кршат законот и ќе бидат сакционирани.

Посочи на едно нарушување на јавниот ред и мир во Шуто Оризари каде едно лице пријавило дека е нападнато на ул „Метохиска“ од повеќе лица. Полицијата, како што рече Ангеловски, излегла на терен, приведено е едно лица и се работи на расчистување на случајот.

Упати апел до политичките партии и нивните следбеници да се воздржат од било какви инциденти, а до граѓаните да пријават доколку забележат неправилности.