Македонија
10. јуни 2017 - 17:31

МВР ги отвори вратите на службениот мерцедес - ќе остане сопственост на Македонија

Министерството за внатрешни работи не планира да го продаде мерцедесот вреден околу 600.000 евра. Министерот Спасовски посочи дека на таков начин државата ќе загуби близу 200.000 евра и токму затоа службеното возило ќе остане во просториите на МВР и ќе служи за превоз на странски делегации кои ќе ја посетуваат земјава. Возилото нема да се користи ниту за потребите на министерството ниту пак за било кој владин функционер.

Првиот човек на МВР попладнево пред медиумите ги отвори вратите на мерцедесот, кој иако целиот покриен во прав, сепак на него нема видливи траги од гребнатини.

„Денеска сакам пред целата јавност да го покажам возилото вредно 600.000 евра, бидејќи зборот е збор. Го оставувме во вакава состојба за граѓаните да видат како институциите се грижеле за имотот на државата“, посочи Спасовски.

Реакција пристигна и од ВМРО-ДПМНЕ. Театрален и контрадикторен настап на министерот Спасовски кој само покажува како Владата предводена од СДСМ ќе се грижи за државниот имот во иднина. Од партијата посочуваат дека повеќе од една година со  МВР раководат кадри на СДСМ и ДУИ.

Доколку се има предвид дека Спасовски е министрер само неколку недела, а пред него со МВР раководеше нивниот коалициски партнер ДУИ, но и дека во техничката влада ова министерство беше во рацете на СДСМ, се надевам дека во целиот овој период можеле да најдат барем 5 минути да го исчистат мерцедесот. Со овој театрален настап на Спасовски може да се види како СДСМ ќе се грижи за државниот имот и имотот на граѓаните“ рече Христијан Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во писмената реакција пак од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека во изминативе 4 години возилото било користено за превоз на повеќе од 17 високи странски гости, меѓу кои еврокомесарот за проширување Штефан Филе, претседателите на Србија, Словенија, Хрватска, Чешка, Полска, премиерот на Унгарија Виктор Орбан, генералниот секретар на НАТО во 2014-та, Андреас Фог Расмусен, како и претседателот на Собранието на Канада, Ендру Шер.