Македонија
2. February 2017 - 21:38

МВР чека одговор од ДКСК за старт на обуката за полицајци

Кандидатите за полицајци од  класата 2017-та бараат да ја почнат обуката во МВР. Велат дека повеќе од три месеци доцни почетокот на изучувањето на полициските вештини. Поради ова денеска пред Министерството за внатрешни работи дел од 600-ната идни полицијаци излегоа на мирен протест. Велат оти не знаат зошто е одложен стартот на обуката. Изјавиа дека со проблемот го запознале и министерот за внатрешни.

-Од министерот добивме позитивен одговор во врска со нашиот проблем и тој ќе биде решен во најбрз можен рок. Се уште не знаеме каде е проблемот, значи чекаме одговор. Министерот ни даде одговор дека ќе биде решен наскоро, изјави Александра Николовска, кандидат за полицаец.

Од министерството за внатрешни работи велат дека обуката за новите полициски службеници доцни оти целосно не е завршена селекционата постапка. За 80-тина кандидати во тек се лекарски и безбедносни проверки.

-МВР има потреба од ваков кадар и затоа работиме на тоа обуката да почне што е можно побрзо. Упативме барање до Државната комисија за спречување на корупција да ни одговори дали во овој период до формирање на Владата може да продолжиме со постапката и добивме одговор дека имаме право да го финализираме конкурсот.

Според конкурсот за нови полициски службеници, обуката на овие кандидати требаше да стартува во октомври лани.

Во јули минатата година МВР го распиша огласот за вработување на 652 извршители. Според конкурсот тие треба да бидат распоредени во вкупно 13 полициски станици во државата.

Пред точно еден месец мирен протест одржаа и кандидатите за полицајци од генерацијата 2015/2016-та. И тие добија ветување од министерот дека нивниот статус со вработување ќе се реши наскоро.