Македонија
3. February 2017 - 19:35

Музејот Крушево годинава со богата програма

„Музеј Крушево“ годинава ќе реализира богата програма финансирана од Министерството за култура. Програмата предвидува финансирање и развој на установата во повеќе сфери од музејското рабоење и ќе се реализираат проекти кои ќе ги опфаќаат речиси сите објекти, односно седумте музеи кои се под надлежност на установата „Музеј Крушево“, информираше денеска директорот на „Музеј Крушево“ Зоран Богески.
 
Според Богески годинава „Музеј Крушево ќе реализира 14 проекти.
 
-Со проектите финансирани од Министерството за култура од сите сфери на музејското работење се  озбезбедуваат квалитетен развој, напредок и динамика на функционирање на установата и ќе се изразиме како релевантен фактор во музејското работење во Македонија. Проектите решаваат многу проблеми, а оваа година ќе се изработи и веб страница за сите активности на Музеј Крушево. Раритет е што завршува фазата на организирање на просторот околу споменикот „Гумење“, се поставува електричната рампа за контрола на влез и излез од просторот, а треба годинава да заврши и двегодишното реновирање на „Македониумот“. Се завршува и музејската поставка во „Музејот на НОБ“ која ќе опфаќа период од крајот на Првата светска војна (1918) до крајот на Втората светска војна (1945), рече Богески.
 
Годинава завршуваат реновирањето и дополбнувањето на музејската поставка во „Галеријата на икони“, а за брзо време ќе биде отворени „Музејот на Илинденското востание“ кој ќе понуди нови документи во музејската поставка.
 
- Поставката во „Галеријата на икони“ ќе биде проширена со уште една просторија во црквата „Свети Јован“, каде, покрај иконите ќе бидат презентирани копаничарскиот и сографскиот занает со демонстрација на изработката на копаници и на икони. За кусо време очекуваме Музејот на илинденското востание кој се реновирашње, да биде пуштен во употреба, зашто завршени се сите зафати во него. Имаме доста нова документација околу првото советување меѓу Горското начелство и привремената влада на Крушевската република, опфаќајќи повеќе историски ликови. Успеавме да ги документираме организирањето и прогласувањето на Крушевската република за што се пронајдени нови материјали и документи.
 
Богеаски нагласува дека „Музеј Крушево“ годинава има проекти од областа на едукацијата, заштитата, конзервацијата, но и да презентира документи за историскиот развој на градот.
 
- Годинава до август имаме можност да презентираме нови документи, многу значајни за Крушево, за неговата економска моќ низ историјата. Документите во два Османлиски пописни тефтери одгатнуваат зошто некои работи се случувале токму во Крушево, опфаќајќи ги Крушево и Крушевчани кои биле на трговија низ целата Османлиска Империја. Едниот тефтер се однесува на периодот од 1846, а другиот на периодот од 1848 година и нудат богати податоци, вели Богески.
 
Во надлежност на Музеј Крушево е и музејот кој треба да се отвори во Кривогаштани.
 
- Станува збор за барокна зграда која датира од 1928 година која одредено време функционирала како училиште. Во соработка со општина Кривогаштани се изработуваат проекти за заштита и ревитализација на зградата. Во музејот ќе бидат сместени архелошки и етнолошки предмети и богата библиотека, рече Богоески.